Епидемијата на реткиот сој на ебола во Конго е најголемата досега забележана, додека експертите предупредуваат дека бројот на заразени веројатно е поголем од официјалните податоци, бидејќи следењето на контактите опаѓа, додека хигиенската инфраструктура се урива.
Хуманитарната организација „Оксфам“ (Oxfam) укажа на недостигот на чиста вода и санитарни услови како клучен проблем. Од таму соопштија дека дошло до речиси целосен колапс на хигиенската инфраструктура и сериозен пад во следењето на контактите откако почнал да се шири реткиот сој на ебола – „бундибуџо“ (Bundibugyo).
Како што пренесува „Скај Њуз“ (Sky News), теренските податоци на „Оксфам“ покажуваат дека само еден од пет здравствени центри во провинцијата Итури – едно од жариштата на вирусот – има пристап до доволно количество чиста вода. Во Монгбвалу, град со речиси 140.000 жители во таа провинција, само 20% од населението има пристап до чиста вода, а едвај 25% имаат функционални санитарни и хигиенски објекти.
„Колапс на првата линија на одбрана“
Манел Ребордоса, координатор на „Оксфам“ во Итури, изјави дека наодите укажуваат на криза предизвикана од загадена вода, недостиг на инфраструктура за миење раце и тешкотии во безбедното одлагање на инфективниот отпад.
– Водата – апсолутно првата линија на одбрана во секоја вонредна ситуација поврзана со јавното здравје – едноставно не е достапна. Рударите кои работат во околните подрачја немаат тоалети ниту места за миење раце. Потоа се враќаат дома во заедниците кои веќе се борат со вирусот. Чистата вода чини два долари за 20 литри. За повеќето семејства тука, тоа е далеку повеќе отколку што можат да си дозволат – рече Ребордоса.
Рекорден број случаи
Предупредувањето доаѓа откако американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC) потврдија дека ова е најголемата досега забележана епидемија на сојот „бундибуџо“.
Според податоците на Министерството за здравство на Конго од 13 јуни, потврдени се 781 случај на зараза и 181 смртен исход.
За сојот „бундибуџо“ не постои одобрена вакцина, поради што пристапот до чиста вода и соодветните санитарни услови се од критично значење во борбата против вирусот. Следењето на контактите падна на само 43% покриеност, што е далеку под оние 79% забележани само еден месец по почетокот на епидемијата во истиот регион за време на периодот 2018–2020 година.
„Болно намалување на американското финансирање“
Ребордоса укажа на недостигот на средства откако Соединетите Американски Држави ја прекинаа поддршката за програмите за надзор над болеста.
– Еден месец по избувнувањето на епидемијата во 2018 година, здравствените работници успеваа да следат речиси осум од десет познати контакти. Денес, по укинувањето на американското финансирање на системот за следење на болести и поради сериозниот недостиг на средства, се следат помалку од половина од контактите. Тој јаз не е само статистика – тоа е болна реалност која му овозможува на вирусот незабележливо да се шири низ заедниците – изјави тој.
„Гласините се шират побрзо од вирусот“
Со оглед на тоа што над 70 здравствени установи се уништени во судирите, а на 1.000 жители доаѓаат едвај 0,2 лекари, здравствените власти во Конго се соочуваат со сериозни потешкотии навреме да ги идентификуваат новите случаи на зараза.
„Оксфам“ наведува дека во провинцијата Северен Киву смртните случаи се пријавуваат во заедниците уште пред воопшто да се утврди дека станува збор за ебола. Покрај тоа, многу семејства ги негуваат оболените роднини дома, изложувајќи ги така и останатите членови на домаќинството на вирусот.
Финансирањето на хуманитарната помош за Конго е намалено од 2,58 милијарди долари во 2024 година, на 1,4 милијарди долари во 2026 година, што е пад од 46%. Поради ова, хуманитарните организации мораа да го намалат обемот на своето делување и да ги ограничат теренските активности.
– Кога ќе исчезнат тимовите за работа со заедницата во кои луѓето имаат доверба, гласините почнуваат да се шират побрзо од самиот вирус. Луѓето сега стравуваат од здравствените установи, кои ги доживуваат како стапици на смртта. Семејствата се свртуваат кон традиционалните методи на лекување, што може да го одложи давањето медицинска помош и да овозможи понатамошно ширење на вирусот. Секој ден без финансиска поддршка одзема нови животи – алармира Ребордоса.
„Го негуваа заразениот роднина, па починаа“
Тибакања Миреј, мајка на пет деца од Итури, изјави за медиумите дека две куќи во нејзиното соседство се ставени во карантин, а едно семејство изгубило неколку членови откако негувале оболен роднина и самите се заразиле. Таа додаде дека и едно од нејзините деца почнало да покажува симптоми на болеста.
– Го однесов во болница штом забележав дека има температура и сега е на тестирање. Многу сме загрижени. Болеста веќе однесе повеќе животи во нашата заедница Шари, во Бунија – рече таа.
„Оксфам“ ги прошири своите активности во Конго и покрена итна шестмесечна програма вредна 11,6 милиони долари за обезбедување чиста вода и хигиенски пакети за 200.000 луѓе во провинцијата Итури. Сепак, организацијата предупреди вонредниот одговор и понатаму е недоволен за да се запре понатамошното ширење на заразата.







