Кина до САД: „Престанете да глумите жртва – уживавте во возот на глобализацијата“
Соединетите Држави треба да престанат да глумат жртва откако со години уживаа во придобивките од глобализацијата, порачуваат кинеските државни медиуми во уреднички текст што го пренесе Гардијан. Весникот Чајна Дејли, близок до Комунистичката партија на Кина, оцени дека тврдењата на Доналд Трамп дека САД биле „искористени“ се обична измама на американската јавност.
„Никој не ги искористува САД“, пишува весникот. „Проблемот е што Вашингтон со децении живее над своите можности – троши повеќе отколку што произведува, ги испраќа работните места во странство и позајмува за да го одржи животниот стандард кој не одговара на продуктивноста.“
Чајна Дејли ги повика САД да престанат со „плачење“ и да ја прекинат својата „деструктивна и каприциозна“ трговска политика.
Нова фаза во трговската војна
Пекинг одби да попушти на барањата на Трамп за нови трговски услови и денеска најави промени во тимот за преговори. Нов главен трговски преговарач е Ли Ченганг, кој ќе го замени Ванг Шоувен. Портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит, изјави дека „топката е на теренот на Кина“, а Трамп додаде: „Кина мора да се договори со нас. Ние не мораме со нив.“
Кинеското МНР возврати дека САД се тие што ја започнаа трговската војна и порача дека Пекинг сака дијалог, но нема да прифати уцени. „САД треба да се вратат на маса врз основа на еднаквост и почит,“ рече портпаролот Лин Џијан.
Иако Кина постигна економски раст од 5,4% во првиот квартал – подобар од очекуваниот – официјални лица предупредуваат дека новите царини може да создадат сериозен притисок врз надворешната трговија.
Кинескиот претседател Си Џинпинг моментално е на дипломатска турнеја низ Азија, во обид да ги зацврсти трговските врски со другите земји, токму во момент кога трговската војна со Вашингтон се засилува.