Ким Џонг-ун: Модерни тенкови се клучот за силна армија
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја посети фабриката за тенкови, каде што изрази задоволство од новиот, подобрен дизајн на домашно произведените оклопни возила.
Според државната новинска агенција KCNA, Ким ја истакнал неопходноста од модернизација на армијата со најсовремена борбена техника, нагласувајќи дека замената на застарените оклопни средства е врвен приоритет за воената сила на земјата.
– Замената на оклопното оружје од минатиот век со најнови тенкови и оклопни возила е од највисока важност за изградбата и модернизацијата на нашата армија – изјавил Ким за време на посетата на воениот производствен капацитет, пренесува јужнокорејската агенција Yonhap.
KCNA не го открива ниту местото, ниту точниот датум на посетата, но наведува дека лидерот бил информиран за текот на производството, за процесите на модернизација, како и за напредокот во истражувањето и развојот на клучни воени технологии.