Милитантното движење Хамас, кое владее со Појасот Газа, се наоѓа во најсериозна финансиска криза од своето основање, што резултира со сериозни потешкотии при исплатата на плати за државните службеници и припадниците на вооруженото крило, објави денеска весникот „Ал-Шарк Ал-Авсат“, повикувајќи се на извори блиски до Хамас.
Според информациите, пред четири месеци организацијата исплатила еднократна сума од 250 долари на цивилните службеници во Газа, додека борците од военото крило на Хамас, „Изадин ал-Касам“, не добиле плата речиси три месеци.
Дополнително, на семејствата на загинатите борци, на затворениците и на ранетите не им е исплатена вообичаената финансиска поддршка, што дополнително ја продлабочува социјалната и економската криза во блокираниот регион.
Истите извори укажуваат и на постоење на сериозен „административен вакум“ во Газа, како резултат на континуираните израелски напади насочени кон секоја политичка фигура поврзана со Хамас која би можела да ја преземе административната одговорност во актуелните услови.
Кризата доаѓа во период на засилени воени дејства, хуманитарна катастрофа и сè поголем меѓународен притисок, што дополнително ја усложнува можноста Хамас да ја одржи својата контрола врз институциите и населението во Газа.