ПРВ.мк

Вашата положба на спиење може да влијае на тоа колку долго ќе живеете

Вашата положба на спиење може да влијае на тоа колку долго ќе живеете
Vero

Вашата положба за спиење може да влијае врз долговечноста

Начинот на кој спиете може да има поголемо влијание врз вашето здравје – и траењето на животот – отколку што мислите, предупредуваат медицински експерти.

Според ортопедскиот хирург д-р Гболаxан Окубадеџо, спиењето на страна, особено на левата, е најздравата положба за телото, особено ако се користи перница меѓу колената. Тоа помага во порамнување на колковите и намалување на притисокот во долниот дел од грбот.

Зошто левата страна е најдобар избор?

Повеќе медицински студии покажуваат дека спиењето на левата страна овозможува:

Подобра “дренажа” на мозокот: Според д-р Хелен Месие, специјалистка за долговечност, спиењето на страна го поддржува глифатичкиот систем кој ги отстранува штетните материи од мозокот, што потенцијално го намалува ризикот од невролошки заболувања.

Понизок притисок врз вените: Оваа положба го намалува товарот врз главната вена што враќа крв кон срцето – што е особено важно за бремените жени и лица со срцеви заболувања.

Подобро варење: Како што желудникот и панкреасот се наоѓаат од левата страна на телото, оваа положба го олеснува протокот на ензими и спречува киселински рефлукс.

Поддршка за ‘рбетот: Употребата на перница меѓу колената при спиење на страна помага во порамнување на кичмата и ублажување на болката во долниот дел од грбот. Феталната положба е особено корисна за оние со хернија на диск.

А што со спиењето на грб?

Оваа положба се смета за втора по здравствена препорака. Лежечката позиција рамномерно ја распределува телесната тежина и ја намалува напнатоста на зглобовите и ‘рбетот. Препорака е да се стави мала перница под колената за дополнителна поддршка.

Сепак, доколку страдате од апнеја или хрчење, овој начин на спиење може да ги влоши симптомите и да го зголеми ризикот од срцеви и мозочни заболувања.

Најлоша положба за здравје: стомакот

Стручњаците се едногласни – спиењето на стомак е најнеповолна положба за организмот. Таа создава притисок врз вратот и ‘рбетот, а го отежнува и дишењето. Доколку не можете да се откажете од оваа навика, користете што пониска перница или спијте без неа, а малo перниче поставете под колковите за да го намалите притисокот на долниот дел од грбот.

Повеќе од само положба

Иако положбата за спиење има своја улога, квалитетот и времетраењето на сонот се многу поважни фактори за здравјето и долговечноста. Д-р Челси Пери, експерт за нарушувања на спиењето, истакнува дека досега нема научни истражувања кои директно ја поврзуваат одредена положба со подолг животен век.

Она што се знае е дека континуиран и квалитетен сон, на соодветен душек – со средна цврстина или мемори пена – значајно придонесуваат за општата здравствена состојба.

„Наместо да се опседнувате со тоа како спиете, фокусирајте се на тоа да имате 7 до 9 часа квалитетен сон секоја вечер“, советува д-р Пери.

Ако сакате да живеете подолго и поздраво, внимавајте на тоа како, колку и каде спиете. Изберете соодветен душек, избегнувајте екрани пред спиење и создадете мирна и темна околина. А ако можете да бирате – спиењето на левата страна е добар почеток.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран