ПРВ.мк
Свет

Историски пресврт во Германија: Турчин за првпат ќе ја води тајната служба за заштита на Уставот

Историски пресврт во Германија: Турчин за првпат ќе ја води тајната служба за заштита на Уставот

Германија пишува ново историско поглавје – за првпат човек со имигрантско потекло ќе застане на чело на една од највлијателните безбедносни институции во земјата. Станува збор за 53-годишниот Синан Селен, роден во Истанбул, кој од денеска е предлог за нов претседател на Федералната канцеларија за заштита на Уставот (БфВ).

Министерот за внатрешни работи Александер Добриндт треба официјално да го соопшти именувањето, а сојузната Влада веќе во среда ќе ја потврди одлуката. Со тоа, Селен ќе го наследи Томас Халденванг, кој во ноември минатата година поднесе оставка за да влезе во политиката, но неговите амбиции завршија без успех.

Селен во Германија се доселил со семејството на само четири години. По дипломирањето на Правниот факултет во Келн, ја започнал кариерата во Сојузната криминалистичка служба (БКА) во 2000 година. Веќе во 2006 година го водел Одделот за странски тероризам и екстремизам во Министерството за внатрешни работи, а од јануари 2019 година е потпретседател на БфВ.

Познат е како експерт за антитероризам, меѓународен криминал и верски екстремизам. Неговото назначување се толкува како симболичен пресврт во германската безбедносна политика – институција која со години се сметаше за затворена и доминирана од традиционални кругови, сега првпат ќе ја води човек кој самиот е дел од мигрантска заедница.

Со овој потег, Германија испраќа порака дека интеграцијата и експертизата се посилни од предрасудите, а Селен ќе има задача да се справи со предизвици како растот на десничарскиот екстремизам, сајбер заканите и глобалниот тероризам.

Escape