Грчките власти најавуваат дека нема да дозволат повторување на сценариото со затворање на граничните премини, и покрај континуираните протести на земјоделците кои траат повеќе од еден месец. Министерот за заштита на граѓаните, Михалис Хрисоходис, порача дека блокирањето на царинските служби претставува сериозен удар врз економијата и нема да биде толерирано.
Во интервју за грчкото радио „Скај“, Хрисоходис истакна дека државата веќе покажала значителна трпеливост кон протестите, но предупреди дека затворањето на границите носи огромни последици. Според него, со денови се задржуваат илјадници камиони со стоки и суровини, што резултира со сериозни финансиски загуби и нарушување на снабдувачките синџири.
Министерот нагласи дека ваквите блокади предизвикуваат проблеми не само за грчката економија, туку и за односите со земјите од Европската Унија, кои веќе реагираат поради прекините на транспортот. Како што посочи, евентуалните барања за обесштетување би можеле да достигнат милионски износи.
Протестите на земјоделците започнаа кон крајот на ноември и се проширија низ целата земја, вклучително и на граничните премини кон Северна Македонија, Бугарија и Турција. Во изминатите недели, сообраќајот често беше целосно или делумно блокиран, особено за товарните возила.
И покрај острите пораки од Владата, земјоделците најавија дека ќе продолжат со притисокот. По последниот состанок, тие одлучија да формираат делегација која ќе побара средба со грчкиот премиер, додека тракторите ќе останат распоредени на блокадите до понатамошна одлука.

















