Медицинскиот персонал во Газа веќе не може да издржи – гладот ги исцрпува до точка каде што стануваат неспособни да им помогнат на повредените и болните. Болниците се преполни со неухранети пациенти, а лекарите самите сè почесто губат свест од замор и глад. Според извештај на „Гардијан“, ситуацијата станува алармантна, а работниците на терен веќе не се само сведоци туку и жртви на хуманитарната катастрофа.
Десетици доктори низ Газа раскажуваат дека со денови не јадат, а во последните 48 часа многумина од нив не добиле ниту еден оброк. Некои се онесвестиле директно во операционите сали. Д-р Мохамед Абу Селмија, директор на болницата Ал-Шифа, вели дека здравствениот систем е пред колапс бидејќи докторите физички не можат повеќе да издржат.
„Медицинската помош е загрозена – нашите луѓе не можат да издржат без храна, а пациентите секојдневно умираат од глад“, предупредува тој.
Повеќето од докторите не сакаат да бидат именувани, плашејќи се од последици. Еден од нив споделил дека по 24-часовна смена немал ни ориз за оброк, и лечел 60 пациенти во неврохирургија додека едвај стоел на нозе.
Друг лекар, волонтер во истата болница, вели дека не јадела ништо од вчера, а нејзиното семејство е исто така без храна. „Цел ден размислувам каде да најдам брашно или леќа, но пазарите се празни“, раскажува таа.
Во медицинскиот комплекс Насер, хирург посочил дека има сè повеќе пациенти со симптоми на неухранетост, како несвестица, гастроентеритис и низок шеќер, и тоа кај сите возрасти. Дури и пооперативните компликации се зголемени, бидејќи пациентите не се доволно нахранети за да закрепнат.
Тој дури признал дека морал да ја прекине операцијата на девојче застрелано во стомакот бидејќи имал низок притисок и не можел повеќе да издржи без храна.
Абу Селмија додава дека бројот на умирања се зголемува – само во последните три дена, 21 дете починало од глад и неухранетост. Многу пациенти умираат по шаторите и домовите, далеку од болници, незабележано и без помош.
Шефот на УНРВА, Филип Лазарини, изјави дека нивните тимови добиваат извештаи за хуманитарни работници кои паѓаат во несвест додека се обидуваат да помогнат. Не е реткост, велат лекарите, да мора да изберат: да останат во болница и да спасуваат животи или да излезат да бараат храна за своите семејства.
Некои се плашат дека ќе бидат приморани да одат на пунктови за храна кои се под контрола на Израелската армија, каде што над 1.000 луѓе починале додека се обидувале да дојдат до оброк, според ОН.
Здравствениот систем на Газа е речиси целосно уништен – 94% од болниците се оштетени или целосно уништени, и само 19 од 36 болници сè уште работат.
Муаат Алсер од организацијата „Healthcare Worker Watch“ предупредува дека лекарите колективно страдаат од ослабен имунитет, инфекции, замор и чести несвестици. „Нам ни треба итна интервенција, не само со сочувство – туку со реална акција“, вели тој.
ИДФ (Израелските сили) соопштија дека се работи на подобрување на дистрибуцијата на помош, но и дека се водат истраги поради инцидентите во кои цивили беа повредени или убиени при обидите за пристап до храна.