Поранешната олимписка шампионка Линдзи Вон со солзи во очите проговори за тешката борба по сериозниот пад на Зимските олимписки игри, откривајќи дека лекарите едвај ѝ ја спасиле ногата.
Четириесет и едногодишната скијачка доживеала сериозна повреда за време на спустот, по што итно била хоспитализирана во Италија. Таму поминала низ четири операции, а по враќањето во САД ѝ била извршена и петта хируршка интервенција.
Во објава на социјалните мрежи таа соопшти дека конечно ја напуштила болницата, но дека закрепнувањето ќе биде долго и неизвесно.

„По речиси две недели во болнички кревет, речиси целосно неподвижна, конечно сум доволно добро за да се префрлам во хотел. Сè уште не сум дома, но ова е огромен чекор напред“, напиша Вон.
Таа објасни дека се соочила со компартмент синдром – опасна состојба што може да предизвика трајно оштетување на мускулите и нервите, па дури и ампутација. Според неа, брзата реакција на докторот ѝ ја спасила ногата.
„Докторот ми ја спаси ногата. Тој ме спаси“, истакна таа.

Во моментот Вон користи инвалидска количка, бидејќи го скршила и десниот глужд. Во наредниот период планира да премине на патерици, но лекарите проценуваат дека ќе биде потребна околу една година за коските целосно да заздрават.
И покрај тешката повреда, таа порача дека не жали за одлуката да настапи и дека животот е премногу краток за да не се обидеш.



















