ПРВ.мк
Свет

Европа под закана од нов удар – Катар испраќа остро предупредување

Европа под закана од нов удар – Катар испраќа остро предупредување
Kristal

Енергетската безбедност на Европа повторно е доведена во прашање, откако Катар – еден од најголемите извозници на течен природен гас (LPG) во светот – запрети дека може да ја прекине испораката кон Европската Унија. Причината е новата Директива за длабинска анализа на одржливоста на корпорациите (CSDDD), со која Брисел бара строга контрола на целиот синџир на снабдување на компаниите што работат во ЕУ.

Министерот за енергетика на Катар и прв човек на „QatarEnergy“, Сад Шерида ел Кааби, на конференцијата во Абу Даби остро ја критикуваше европската регулатива, предупредувајќи дека доколку Унијата не ја олабави директивата, Катар ќе го суспендира извозот на LPG кон Европа. Тој додаде дека воведувањето на казна од 5% од прометот на енергетските производи ќе ја направи соработката „економски неприфатлива“.

Ел Кааби, исто така, призна дека Катар не може да постигне нулта емисија на јаглеводороди во блиска иднина, што дополнително го комплицира односот со Брисел, кој до 2050 година има цел да ја постигне целосната климатска неутралност.

Пред неколку недели, Доха веќе испрати официјално предупредување до белгиската влада, нагласувајќи дека доколку европските мерки не се ревидираат, земјата ќе почне да бара алтернативни пазари за извоз на гасот.

Овој потег е сериозен удар за Европа, имајќи предвид дека Катар задоволува околу 12–14% од нејзините енергетски потреби од 2022 година. Губењето на таков снабдувач би можело да предизвика нови ценовни шокови и нестабилност на пазарот на енергенси.

Директивата CSDDD е клучен дел од европскиот „Зелен договор“ и ги обврзува сите големи компании да го анализираат влијанието врз човековите права и животната средина во целиот синџир на снабдување. Но токму тие строги барања, според Катар, ја ставаат под знак прашалник идната соработка меѓу двете страни.

Ако ЕУ не направи компромис, европските земји би можеле наскоро повторно да се соочат со енергетска неизвесност — овој пат, не поради Русија, туку поради Катар.

Escape