По денови со невообичаено ниски температури и арктички студ, Европа сега се подготвува за целосен временски пресврт кој во некои земји ќе донесе вистинско лето и температури над 30 степени Целзиусови.
Метеоролозите предупредуваат дека во следните денови континентот ќе биде погоден од нагло затоплување, а разликите во температурите во однос на минатата недела во одредени региони ќе достигнат и до 15 степени.
Според прогнозите, Франција и Англија ќе почувствуваат значително затоплување, додека во Шпанија и Португалија температурите би можеле да надминат 30 степени, што е огромен пресврт по неодамнешниот студен бран кој ја зафати Европа.
Изминатите денови голем дел од континентот беше под влијание на силен продор на арктички воздух, предизвикан од специфична комбинација на атмосферски притисоци над северниот Атлантик и Скандинавија. Поради тоа, температурите во многу региони паднаа и до 15 степени под просекот за овој период од годината.
Студот предизвика сериозни проблеми и за земјоделството. Во Франција лозарите биле принудени да палат огнови меѓу лозјата за да ги заштитат насадите од мраз и ниски температури.
Покрај студот, нестабилното време донесе и силни невремиња низ повеќе европски држави. Само во периодот меѓу 11 и 16 мај биле регистрирани околу 750.000 удари од гром, додека во Србија биле издадени црвени метео-предупредувања поради опасност од силен ветер, обилни врнежи и град.
Сега, според најавите на метеоролозите, временската состојба нагло се менува. Циклонот кој донесе студ почнал да се повлекува кон северозападна Европа, а на негово место започнало продирање на потопол воздух од запад и југ.
Во текот на неделата се очекува дополнително зајакнување на антициклон над западна Европа, што ќе овозможи топол воздух од северна Африка да се прошири кон поголем дел од континентот.
Во исто време, екстремни временски услови се регистрираат и во Соединетите Американски Држави. Додека делови од Европа се подготвуваат за летни температури, во северозападните делови на САД се очекуваат снежни бури и големи врнежи од снег.
Во државите Вајоминг, северен Колорадо и североисточен Јута се прогнозираат и до 46 сантиметри снег, проследени со силни ветрови кои може да создадат опасни снежни наноси и сериозни проблеми во сообраќајот.
Дополнително, на југозападот од САД се издадени предупредувања за ризик од шумски пожари поради силен ветер и ниска влажност на воздухот, додека источните делови од земјата се соочуваат со закани од силни грмотевични бури и можна појава на торнада.










