Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган жестоко го нападна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш откако Израел ја започна копнената офанзива во градот Газа. Од Доха, каде учествуваше на арапско-исламски самит, Ердоган изјави дека Нетанјаху идеолошки е ист како Адолф Хитлер и дека ќе се соочи со иста судбина.
„Како што Хитлер не можел да го предвиди поразот, така и Нетанјаху ќе биде изненаден од својата судбина“, порача Ердоган, кој остро реагираше по израелскиот напад врз лидерите на Хамас.
Во исто време, Израелските сили ја започнаа најголемата воена акција од почетокот на конфликтот пред речиси две години. „Газа гори“, изјави министерот за одбрана Израел Кац, додека локалните жители ги опишаа најновите бомбардирања како „пекол невиден досега“. Израелската војска соопшти дека трупите навлегуваат длабоко во градот и дека нивниот број ќе продолжи да расте, со цел да се соочат со околу 3.000 борци на Хамас за кои се смета дека останале во енклавата.
„Нашите сили постепено влегуваат во градот како дел од следната фаза од офанзивата. Воздушни и копнени сили ќе делуваат заедно“, соопштија израелските воени претставници.
Додека битката е во полн ек, илјадници палестински семејства се обидуваат да побегнат од Газа преку единствениот крајбрежен пат што го отвори израелската армија. Сепак, метежот од автомобили и камиони ја прави евакуацијата бавна и ризична.
САД, преку државниот секретар Марко Рубио, соопштија дека и понатаму се надеваат на дипломатско решение, но отворено признаа дека сценариото за мирен крај на војната изгледа сè понереално.