Една од жртвите убиени во крвавиот напад пред синагога во Манчестер била застрелана од самата полиција додека се обидувала да го совлада напаѓачот. Според истрагата, осомничениот Џихад ал-Шами немал огнено оружје, а единствените куршуми биле испукани од полицаец.
Трагедијата се случила на Јом Кипур, најсветиот ден на јудаизмот, кога Ал-Шами со автомобил удрил во луѓе пред синагогата и избодел еден човек. Убиени се двајца Британци – Адриан Долби (53) и Мелвин Кравиц (66), додека уште три лица остануваат во болница со тешки повреди.
Полицијата потврди дека една од жртвите и уште едно лице со прострелни рани биле погодени од полициски куршуми, нарекувајќи го тоа „несакана последица од итните мерки“.
Британската влада го осуди нападот како терористички и вети зголемена заштита на еврејската заедница. Израел остро ја критикуваше Британија за, како што тврди, дозволување на растечкиот антисемитизам.
Напаѓачот Џихад ал-Шами (35), Британец со сириско потекло, беше застрелан на лице место. Три лица се уапсени под сомнение за поврзаност со нападот.
По масакрот, низ британските градови избувнаа пропалестински протести, што дополнително ја зголеми тензијата. Полицијата апелира за смиреност, а премиерот Кир Стармер вети засилено полициско присуство за заштита на еврејските заедници.
Случајот отвори силна дебата во Британија – дали полицијата реагирала правилно или со своите куршуми дополнително ја зголемила трагедијата.










