Хеликоптерот во кој се наоѓал рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата посета на Курск на 20 мај се најде во центарот на масовен напад со украински дронови, објави командантот на руската противвоздушна одбрана Јуриј Дашкин.
Инцидентот, кој засега не е потврден од официјални кремљовски извори, го обелодени Дашкин за државната телевизија Русија 24. Според него, нападот бил навремено откриен и неутрализиран, а безбедноста на претседателот била успешно обезбедена од страна на руската војска.
„Нападот беше одбиен, а сите објекти за заштита на воздушниот простор беа целосно ангажирани. Безбедноста на претседателот беше целосно сочувана“, изјави Дашкин.
Иако нема официјални детали за тоа дали нападот бил директно насочен кон хеликоптерот или станувало збор за поширока офанзива врз инфраструктурата во регионот, инцидентот доаѓа во период на зголемени украински напади со дронови врз цели во внатрешноста на Русија.
Овој настан дополнително ја нагласува кревката безбедносна состојба во пограничните руски региони, како и ризиците со кои се соочуваат високите руски функционери при посета на овие подрачја. Од Кремљ засега нема официјална реакција на информацијата.