СПАК со обвинение против Илир Мета и Моника Круемади за корупција и перење пари
Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК) во Албанија ги заврши истрагите и поднесе обвинение против поранешниот претседател на државата и лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, и неговата поранешна сопруга, Моника Круемади.
Обвинението ги опфаќа предметите познати како „ЦЕЗ–ДИА“, нелегално лобирање во САД од страна на поранешната партија Движење за социјалистичка интеграција (ДСИ), денешна Партија на слободата, како и неосновано прикажување и прикривање на имот. Двајцата политичари се товарат за сериозни кривични дела – корупција, перење пари и фалсификување на имотни податоци.
СПАК најави дека во наредните денови ќе го достави предметот до Специјалниот суд за борба против корупција и организиран криминал. Судијата на претходна расправа ќе треба да одлучи дали случајот ќе премине во главна судска постапка, ќе биде вратен на дообработка или отфрлен како неоснован.
Илир Мета, кој се наоѓа во притвор од 21 октомври 2024 година, остро реагираше преку социјалните мрежи. На неговиот профил на Фејсбук, Мета го оцени целиот процес како „политички мотивирана фарса“ и директно го обвини премиерот Еди Рама за влијание врз правосудните органи.
„Фарса во служба на Еди Рама! Нула факти, нула докази. Обвиненијата имаат за цел да го одвлечат вниманието од изборните криминални дејства, кои не можеа да се случат без поддршка од СПАК“, напиша Мета, додавајќи дека ќе бара јавно судско соочување.
Тој најави дека токму на суд ќе ја разобличи, како што рече, „монтираната политичка хајка“ чија крајна цел е негово дискредитирање и понатамошно зацврстување на владејачкото мнозинство над институциите.