Бугарија на чекор до еврото: ЕУ ќе го одобри влезот во еврозоната во 2026 година
Бугарија е на прагот да стане 21-та членка на еврозоната, откако Европската комисија и Европската централна банка (ЕЦБ) подготвуваат позитивна оценка за нејзиното приклучување кон единствената валута на Европската унија од 1 јануари 2026 година, пренесува „Политико“, повикувајќи се на неколку високи функционери.
Овој чекор, кој доаѓа по години подготовка и одложувања, се очекува официјално да биде потврден во извештајот на Европската комисија и ЕЦБ кој ќе биде објавен следната недела.
Влезот во еврозоната ќе ѝ овозможи на Бугарија да ги намали трошоците за трансакции, да ја олесни трговијата со другите земји-членки и да обезбеди поголемо учество во креирањето на монетарната политика во ЕУ. Иако левот, бугарската национална валута, со децении е стабилно врзан за еврото, Софија досега немаше право на глас во рамките на ЕЦБ.
„Приклучувањето кон еврото само ќе го зајакне суверенитетот на Бугарија – конечно ќе учествуваме во процесот на донесување одлуки во ЕЦБ“, изјави за „Политико“ Атанас Пеканов, економист и поранешен вицепремиер на Бугарија.
Со пристапувањето кон еврозоната, гувернерот на бугарската централна банка ќе добие официјално место во Управниот совет на ЕЦБ. Сепак, поради релативно малиот удел во БДП на еврозоната (помалку од еден процент), влијанието на Бугарија во Советот ќе биде ограничено.
Загриженост поради можен пораст на цените
И покрај очекуваните економски придобивки, транзицијата кон еврото не е без предизвици. Критичарите предупредуваат дека усвојувањето на единствената валута може да предизвика еднократно зголемување на цените – особено на основните производи – што би ги погодило најмногу сиромашните домаќинства во руралните подрачја.
Стравувањата од инфлација и поскапување на храна, како што е зеленчукот, се меѓу главните причини поради кои претседателот на Бугарија, Румен Радев, изрази сомнежи и предложи одржување на национален референдум за одложување на воведувањето на еврото.
Но, Уставниот суд на Бугарија веќе има пресудено дека ваков референдум би бил неуставен, па е малку веројатно дека предлогот на Радев ќе добие зелено светло.
Повеќето политички партии во бугарскиот парламент остануваат цврсто посветени на евроинтеграцијата и го поддржуваат воведувањето на еврото според предвидената динамика.