Паника кај бреговите на грчкиот остров Лезбос, откако брод на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс потона по судир со карпа, јавуваат грчките медиуми.
Според првичните информации, се работи за брод на португалската крајбрежна стража, кој бил дел од меѓународна мисија за пронаоѓање исчезнати мигранти, организирана под капата на Фронтекс.
Инцидентот се случил додека екипажот патролирал во рамки на мисијата за набљудување и заштита на надворешната граница на ЕУ, кога под неразјаснети околности удрил во подводна карпа и почнал да тоне.
Во моментов нема информации за повредени или загинати членови на екипажот, а операцијата за спасување и извлекување на остатоците од бродот е во тек. Грчката крајбрежна стража и спасувачки тимови се на терен.
Ова е втор ваков инцидент во регионот во последните неколку месеци, што отвора сериозни прашања за безбедноста на европските патроли и навигациските услови во Егејското Море, особено кога се работи за спасувачки мисии во зони со зголемен број мигрантски рути.
ВИДЕО