Куба ги извести странските авиокомпании дека од 10 февруари ќе се соочи со сериозен недостиг на авионско гориво, што може да предизвика нарушувања во меѓународниот воздушен сообраќај. Според локалните воздухопловни власти, кризата се очекува да трае најмалку до 11 март.
Ова предупредување доаѓа само два дена откако кубанските власти уверуваа дека летовите нема да бидат погодени од најавените ограничувања во снабдувањето со нафта.
Прекинато снабдување од Венецуела
Куба со децении се потпира на нафтата од Венецуела, но испораките биле прекинати од средината на декември. Причината е одлуката на САД да го блокираат извозот на венецуелска нафта, со што директно е погодена и Хавана.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Каракас повеќе нема да ја снабдува Куба со нафта, а најави и дополнителни царини за земјите што би се обиделе да испорачуваат гориво кон островот. Со тоа, практично се затвораат главните канали за снабдување на кубанската авијација.
Не е првпат
Иако ситуацијата е сериозна, вакви кризи не се непознати за Куба. Во минатото, повеќе авиокомпании биле принудени да полнат гориво во други земји како Панама, Бахамите, Доминиканската Република, па дури и во САД, за да ги одржат редовните линии.
Останува неизвесно дали новиот недостиг ќе доведе до откажувања на летови или ќе се најде привремено решение за да се избегне целосен прекин на сообраќајот.

















