ПРВ.мк

Бројот на жртвите од уривање на покривот во ноќен клуб во Доминиканска Република се искачи на 58 лица

Бројот на жртвите од уривање на покривот во ноќен клуб во Доминиканска Република се искачи на 58 лица

Најмалку 58 лица загинаа, а повеќе од 150 се повредени по уривањето на покривот во ноќен клуб во главниот град на Доминиканска Република, Санто Доминго, соопштија официјалните власти.

Меѓу загинатите се наоѓаат провинциската гувернерка Нелси Круз и поранешниот бејзбол питчер во МЛБ, Октавио Дотел. Дотел, кој имал 51 година, починал на пат кон болницата откако бил извлечен од урнатините.

Инцидентот се случил рано наутро во вторникот, за време на концерт на популарниот меренге пејач Руби Перез во ноќниот клуб „Џет Сет“. Се верува дека и тој бил меѓу заробените под урнатините.

Во клубот имало стотици луѓе, а околу 400 спасувачи сè уште трагаат по преживеани. Постои стравување дека бројот на загинати може дополнително да се зголеми.

Vero

Роднините се молат нивните најблиски да бидат извлечени живи од урнатините.

Директорот на Центарот за вонредни операции (COE), Хуан Мануел Мендез, изјави дека сè уште се надева дека многумина кои се под урнатините се живи.

„Џет Сет“ е популарен ноќен клуб во Санто Доминго, познат по понеделничките забави со жива музика. На концертот биле присутни политичари, спортисти и други познати личности.

Претседателот Луис Абинадер потврди дека меѓу жртвите е и Нелси Круз, гувернерка на провинцијата Монте Кристи и сестра на поранешниот бејзбол играч и седумкратен All-Star, Нелсон Круз.

Октавио Дотел ја започна својата кариера во 1999 година со Њујорк Мец, а потоа играше за тимови како Хјустон Астрос, Оукленд А’с, Њујорк Јенкис, Чикаго Вајт Сокс и Детроит Тајгерс до неговото пензионирање во 2013 година.

Видео снимка, наводно направена во клубот, прикажува луѓе како седат на маси пред бината, додека други играат во задниот дел, додека Руби Перез пее.

Во друга снимка од мобилен телефон, која се споделува на социјалните мрежи, се слуша маж како вели „нешто падна од таванот“, додека покажува кон покривот. На снимката се гледа и Перез како гледа во истиот правец.

Помалку од 30 секунди подоцна, се слуша гласен звук и снимката се затемнува, додека жена вика: „Тато, што ти се случи?“

Еден од членовите на бендот на Перез за локалните медиуми изјавил дека клубот бил преполн кога се случило уривањето, „околу 1 часот по полноќ“.

„Помислив дека е земјотрес“, рекол музичарот.

Ќерката на Руби Перез потврдила дека нејзиниот татко е меѓу заробените под урнатините.

Претседателот Абинадер изрази сочувство до семејствата на жртвите и повредените.

Agria