Мохамед Алмадун, од хуманитарна организација во Газа, раскажа за две малолетни деца – брат и сестра – кои во своите „најсреќни денови“ преживуваат само на сув леб и чај. Организацијата предупредува дека речиси половина од бремените жени и доилките во овој регион страдаат од тешка неухранетост и дека им е потребна итна медицинска помош.
„Утрово лекував две деца, брат и сестра на возраст од 11 и 14 години, кои јасно покажуваа знаци на тешка неухранетост. Им дадовме терапевтска храна за да се обидеме да ја стабилизираме нивната состојба. Но, семејствата ни велат дека едвај имаат храна. Во најдобар случај, преживуваат на сув леб и чај. Потребна е итна акција“, вели Мохамед Алмадун, здравствен работник и заменик-директор на организацијата Медицинска помош за Палестинците (МАП).
Тој додава дека ситуацијата во Газа е многу загрижувачка и дека досега не е дозволен влез на терапевтски додатоци за третман на неухранетоста. Алмадун истакнува дека расте бројот на смртни случаи предизвикани од неухранетост, не само кај децата, туку и кај постарите лица.
Според податоците на организацијата МАП, 44% од бремените жени и доилките кои биле прегледани покажуваат знаци на тешка неухранетост и итно треба да добијат медицински третман.
Алармантните податоци од организацијата Ard El-Insan, која обезбедува нутритивна и медицинска помош во Газа, покажуваат зголемување од 10% од мај годинава на бројот на бремени жени и доилки кои страдаат од тешка неухранетост, пишува Independent.
Здравствените и хуманитарните работници велат дека не можат сами да обезбедат доволно храна и дека и тие се жртви на неухранетоста.
„Искрено, не знам како да го опишам тоа. Како медицински тимови, сме целосно исцрпени. Немаме храна, ништо за пиење и немаме можност за одмор, дури ни помеѓу операциите што траат доцна во ноќта“, вели д-р Халид Шава, општ хирург во теренска болница во Газа Сити.