Берлин: Не може да има мир без согласност од Украина
Германската влада останува цврсто на ставот дека суверенитетот на Украина мора да биде основа за какви било мировни преговори меѓу Русија и САД. Како што изјави во петокот заменик портпаролката на владата, Кристијане Хофман, клучно е „Украина самата да одлучи што е прифатливо за неа – не може да има мир без нејзина согласност“.
Оваа изјава доаѓа во контекст на сè поинтензивните разговори меѓу Вашингтон и Москва за можно прекинување на конфликтот, а Хофман се повика и на сличните пораки што претходно ги испрати украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Москва, пак, како услов за мир бара Киев официјално да се откаже од полуостровот Крим и уште четири региони кои Русија ги смета за своја територија.
Зеленски категорично го отфрли ова барање, потсетувајќи дека Уставот на Украина не дозволува отстапување на ниту еден дел од државната територија.
Берлин, и покрај тоа што ги поддржува разговорите меѓу Русија и САД, предупредува дека мирот не смее да биде „наметнат“ на штета на Украина.
„За нас е јасно – не може да се постигне мир под диктат што ќе биде на сметка на Украина“, подвлече Хофман.
Германија верува дека Украина и по евентуалното постигнување на мировен договор ќе мора да задржи силна армија – тоа, како што велат, е нејзината најважна безбедносна гаранција.
Дополнително, Берлин инсистира дека Украина мора да има отворена перспектива за членство во Европската Унија – и тоа треба да остане приоритет и во постконфликтниот период.