Октомври се покажа како најсмртоносниот месец за цивилното население во Судан од избувнувањето на конфликтот меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка (RSF) во април 2023 година. Според анализата на агенцијата AFP, заснована врз податоци од организацијата ACLED, бројот на цивилни жртви достигна рекорден ниво, покажувајќи ја страшната цена на војната што ја разорува земјата.
Во текот на октомври, 1.545 цивили биле убиени, што претставува највисок месечен биланс од почетокот на судирите. Вкупниот број на загинати во истиот период изнесува околу 3.000 луѓе, што е малку под рекордот забележан во октомври 2024 година, кога RSF ги засили нападите во централната област Ал-Џазира.
Од април 2023 година до денес, ACLED има документирано речиси 49.800 загинати, од кои 15.300 се цивили. Сепак, се смета дека вистинската бројка е значително поголема, бидејќи многу региони погодени од судири остануваат недостапни за хуманитарни организации и медиуми.
Најголем број на жртви се забележани во северен Дарфур (околу 14.000) и Картум (повеќе од 11.000). Особено трагичен е случајот со градот Ал-Фашир, кој по 18 месеци опсада падна под контрола на RSF – таму, само во октомври, над 2.000 цивили го загубиле животот. Организациите предупредуваат дека вистинските бројки може да бидат уште повисоки, поради прекините во комуникацијата и недостигот од извештаи од теренот.
Во исто време, употребата на дронови во суданскиот конфликт драматично се зголеми – само во првите десет месеци од 2025 година се регистрирани повеќе од 700 воздушни напади, речиси тројно повеќе од 2023 година. При овие напади животот го загубиле околу 1.900 лица.
Според Обединетите нации, ситуацијата во Судан претставува најтешка хуманитарна катастрофа во светот – со милиони раселени, уништени градови и хроничен недостиг од храна, вода и медицинска помош.














