ПРВ.мк
Свет

Трамп му даде „зелено светло“ на Киев – Украина ќе удри длабоко во Русија!

Трамп му даде „зелено светло“ на Киев – Украина ќе удри длабоко во Русија!

Американската политика кон војната во Украина добива нов пресврт. Претседателот на САД, Доналд Трамп, според специјалниот претставник за Украина Кит Келог, ѝ дал јасно „зелено светло“ на Киев да изведува напади длабоко во руската територија.

Во интервју за „Фокс њуз“, Келог објасни дека Трамп му овозможил на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја користи американската воена поддршка не само за одбрана, туку и за офанзивни операции зад линиите на фронтот. „Искористете ја можноста да напаѓате од голема далечина“, порача тој, додавајќи дека вакво одобрение Пентагон досега никогаш не ѝ дал на Украина.

Весникот „Волстрит џурнал“ објави дека Трамп директно му рекол на Зеленски дека е подготвен да ја укине забраната за користење на американско оружје против цели на руска територија. Со тоа, новата американска стратегија би можела целосно да ја смени динамиката на војната.

Келог потсети дека Трамп, како врховен командант на американската армија, ја има последната одлука: „Кога претседателот оди лево, сите одат лево. Ако тој каже десно, сите одат десно. Тоа е претседателот – тој ги доби гласовите, ние не.“

Со оваа промена, Украина добива простор за поагресивна воена стратегија, а Москва би можела да се соочи со нова реалност: директни удари на своја територија со западно оружје.

Escape