САД го намалуваат военото присуство во Сирија – бројот на војници ќе биде преполовен
Американската армија ќе го консолидира своето воено присуство во Сирија во текот на следните недели и месеци, што би можело да резултира со преполовување на бројот на војници во земјата, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
Во моментов, САД имаат околу 2.000 војници распоредени во неколку бази во Сирија, претежно на североистокот, каде што соработуваат со локалните сили за да се спречи повторна активност на Исламската држава (ИД), терористичка организација која во 2014 година зазеде големи делови од Ирак и Сирија, но подоцна беше потисната.
„Со оваа промислена одлука, бројот на американски војници во Сирија ќе се намали на под илјада“, изјави Парнел, додавајќи дека Централната команда на САД ќе продолжи со воениот притисок врз преостанатите џихадистички ќелии во регионот.
И покрај планираното повлекување, САД остануваат посветени на поддршката на своите коалициски партнери и на зачувување на стабилноста во регионот. Вашингтон неодамна распореди дополнителни сили на Блискиот Исток, вклучувајќи стелт бомбардери B-2, воени бродови и противвоздушни системи.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, ја нареди оваа консолидација како дел од операцијата „Непоколеблива одлучност“, во услови кога Белата куќа под водство на претседателот Доналд Трамп останува скептична за долгорочното воено ангажирање во Сирија.
И по падот на Башар ал Асад кон крајот на декември – по што на власт дојде коалиција предводена од исламисти – Трамп не го промени ставот.
„Сирија е во хаос, но не е наш сојузник. (…) Ова не е наша борба“, напиша Трамп на социјалните мрежи во декември, за време на офанзивата која ја заврши повеќедецениската власт на кланот Асад.
Иако победата над ИД беше прогласена во 2017 година во Ирак и во 2019 во Сирија, американските сили останаа присутни – особено во подрачја под контрола на курдските сили – за да спречат повторно активирање на терористичките групи.