ПРВ.мк
Свет

Америка подготвува „големи царини“ ако Британија не попушти за дигиталниот данок

Америка подготвува „големи царини“ ако Британија не попушти за дигиталниот данок

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остро предупредување до Велика Британија, најавувајќи можност за воведување високи царини доколку Лондон не го укине данокот за дигитални услуги.

Станува збор за британски данок од 2 проценти што се однесува на приходите од социјални мрежи, пребарувачи и онлајн пазари. Трамп смета дека оваа мерка најмногу ги погодува големите американски технолошки компании и оцени дека таквиот третман е неприфатлив.

Во изјава за „Телеграф“, тој порача дека САД можат лесно да одговорат со царини доколку данокот остане во сила. Со ова, економското прашање повторно се претвора во политички притисок меѓу два традиционални сојузници.

Британските власти, пак, досега го бранеа данокот како начин дигиталните гиганти да плаќаат фер дел од приходите што ги остваруваат на британскиот пазар. За Лондон, оваа мерка претставува и значаен извор на буџетски приходи.

Заканата доаѓа во чувствителен период за трговските односи меѓу САД и Велика Британија. Спорот околу дигиталното оданочување покажува дека борбата меѓу националните интереси и заштитата на големите технолошки корпорации станува сè посериозна тема на меѓународната сцена.