Мајкл Дебејки, еден од најпознатите кардиохирурзи во светот, остана запаметен како лекар кој во текот на кариерата оперирал околу 60.000 пациенти и работел речиси до самиот крај на животот. Почина само два месеци пред да наполни 100 години, а до 97-тата година сè уште примал пациенти и бил активен во медицината.
Иако бил човек на модерната кардиохирургија, Дебејки верувал дека долговечноста не зависи само од лекарите и болниците, туку и од секојдневните навики. Неговиот наједноставен совет бил редовното одење. Според него, најмалку 30 минути пешачење дневно, со менување на побавно и побрзо темпо, е одличен начин за одржување на здраво срце.
Денот го почнувал многу рано, со лесни вежби, а потоа продолжувал со работа. Се хранел едноставно – свежо сирење, интегрална каша, чај, супи, риба и многу зеленчук. Не следел строга диета, но избегнувал масно месо, путер и пржена храна, сметајќи дека начинот на подготовка на храната е исто толку важен како и изборот на намирници.
Покрај исхраната и движењето, Дебејки особено го нагласувал влијанието на стресот врз срцето. Верувал дека човек мора да најде здрав начин за опуштање – преку прошетки, природа, култура, пливање, смеа и позитивни емоции.
Неговата филозофија била едноставна: староста не мора да значи болест. Додека човек го чува телото, умот и емоционалната рамнотежа, годините се само бројка. Покрај тоа што остави огромен белег во медицината со бројни иновации и инструменти, Дебејки остави и една јасна порака – долг живот се гради секој ден, со мали, но постојани здрави навики.







