ПРВ.мк
Свет

Еве што му порача Трамп на Путин

Еве што му порача Трамп на Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на изјавата на рускиот лидер Владимир Путин, кој објави дека Русија успешно ја тестирала својата нуклеарна ракета „Буревестник“. Според Трамп, ваквите потези се „несоодветни“ и целосно погрешен приоритет во време кога војната во Украина сè уште трае.

„Несоодветно е Путин да зборува за ракети. Наместо тоа, треба да ја заврши војната во Украина“, изјави Трамп за време на неговата азиска турнеја, нагласувајќи дека конфликтот кој требало да трае само една недела сега се приближува кон својата четврта година.

Рускиот претседател вчера објави дека бил успешно спроведен последниот тест на нуклеарната ракета „Буревестник“, за која се тврди дека има дострел од дури 14.000 километри. Путин во своето видео обраќање од Кремљ порача дека ова „уникатно оружје“ ќе ја зајакне одбранбената моќ на Русија и најави подготовка на инфраструктурата за нејзино распоредување во армијата.

Началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов, објасни дека ракетата била во воздух повеќе од 15 часа и прелетала целосен круг од 14.000 километри, истакнувајќи дека тоа не е нејзиниот максимален капацитет.

„Техничките карактеристики на ‘Буревестник’ овозможуваат уништување на високо заштитени цели на кое било растојание“, рече Герасимов.

Трамп, пак, смета дека Путин треба да се фокусира на мир и дипломатија наместо на демонстрација на воена моќ. Според него, продолжувањето на конфликтот само ја влошува глобалната безбедност и создава дополнителна нестабилност во светот.

Escape