ПРВ.мк
Македонија

(ВИДЕО) Директорот на Идризово откри шокантна вистина: Ми го запалија возилото затоа што ставив ред во затворот!

(ВИДЕО) Директорот на Идризово откри шокантна вистина: Ми го запалија возилото затоа што ставив ред во затворот!

Директорот на најголемиот затвор во државата, КПУ „Идризово“, Зоран Јовановски, откри дека во последниот период се соочува со сериозни закани и притисоци поради обидите да воспостави ред и дисциплина во установата. Во интервју за „Женски магазин“, тој откри дека неговото возило било запалено, а пораката – како што вели – била повеќе од јасна: да престане со воведување ред во систем кој со години бил под влијание на криминални структури.

„Ми го запалија возилото и ми испратија јасна порака дека треба да престанам да поставувам ред во затворот“, вели Јовановски, кој додава дека нема намера да отстапи и ќе продолжи со реформите.

Тој открива дека кога ја презел функцијата, голем број осудени лица кои требало да ја издржуваат својата казна воопшто не се наоѓале во затворите, што, според него, било резултат на сериозен институционален пропуст.

„Во моментот кога ја презедов функцијата, ситуацијата беше хаотична – затворите беа преполни, а дел од осудените лица воопшто не беа на издржување на казна. Се соочив со систем кој дозволувал недисциплина и влијание однадвор“, открива Јовановски.

Иако Народниот правобранител во своите извештаи редовно укажува на лошите услови и хаосот во затворите, директорот вели дека управата континуирано работи на подобрување на сместувачките капацитети, како и на вторичната социјализација на осудените лица.

„Знам дека некои тоа не го одобруваат, но воспоставувањето ред и еднаквост е единствениот пат напред. Ако има ред, ќе има и правда – и за осудените, и за институциите“, додава Јовановски.

Според него, од суштинско значење е затворите да бидат места каде што казната има воспитна функција, а не зони каде владеат криминални групи и страв.

„Ова не е борба за функција, туку за систем. Ако ние, како држава, не покажеме сила во институциите, тогаш кој ќе го направи тоа?“ – завршува директорот на КПУ „Идризово“, генерал-мајор м-р Зоран Јовановски.

Видео:

Escape