Поранешната прва дама на САД, Меланија Трамп, се најде во центарот на нов голем скандал кој ја тресе светската крипто сцена. Нејзиното име и лик биле злоупотребени како мамка во сложена измама со мем-коини, која им донела огромни загуби на инвеститорите ширум светот.
Според податоците од тужбата поднесена во САД, измамата е поврзана со компаниите „Метеора“ и „Келсиер Лабс“, чиј основачи, Бенџамин Чоу и Хајден Дејвис, се обвинети за манипулација на крипто пазарот, лажно рекламирање и перење пари.
Иако Меланија не е официјално обвинета, документите наведуваат дека нејзиното име било користено без дозвола, за да се создаде впечаток дека проектот е легитимен и поддржан од познати личности. Тоа било доволно да илјадници инвеститори поверуваат и вложат пари во лажни токени.
Како функционирала измамата?
Тужбата открива дека Чоу и Дејвис создале „фабрика за лажни крипто токени“. Преку своите компании, тие лансирале најмалку 15 измамнички проекти, меѓу кои и токените „$M3M3“ и „$MELANIA“.
Измамата функционирала преку т.н. „шема во шест чекори“ – прво создавале токен, потоа пласирале реклами со познати личности (без нивна согласност), организирале агресивна онлајн кампања, а потоа преку тајни крипто паричници („снајперски wallets“) купувале големи количини токени пред јавноста. Кога вредноста ќе пораснела, ги продавале токените по енормни цени, а инвеститорите останувале со безвредна дигитална валута.
Од 1,6 милијарди долари вредност – до колапс за неколку часа
Најдраматичен пример е токенот „$MELANIA“, кој за само неколку часа по лансирањето достигнал пазарна вредност од 1,6 милијарди долари. Илјадници луѓе купувале уверени дека проектот има врска со поранешната прва дама. Но, кога организаторите ги продале своите залихи, цената се урнала за 95%, уништувајќи ги вложувањата на малите инвеститори.
Скандал со политичка тежина
Иако Меланија Трамп нема правна одговорност, случајот повторно го става семејството Трамп под лупа, особено затоа што се поврзуваат со огромни заработки во крипто индустријата – проценети на над една милијарда долари.
Правните експерти предупредуваат дека оваа тужба може да стане преседан што ќе ја промени регулативата на глобалниот крипто пазар, со цел да се спречат идни манипулации и да се заштитат инвеститорите од вакви лажни „ѕвездени“ проекти.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк














