Албанија седми ден по ред се соочува со масовни протести и насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, додека незадоволството од владата на премиерот Еди Рама продолжува да расте.
Според официјалните податоци, до понеделникот биле повредени 295 лица, меѓу кои 186 полицајци.
Во протестите учествуваат голем број студенти и средношколци, кои бараат подобри услови на универзитетите, борба против корупцијата и оставка од премиерот.
На улиците на Тирана се забележани драматични сцени. Демонстрантите ваделе камени коцки од патеките во паркот „Ринија“ и ги користеле во судирите со полицијата.
Интервентните полициски единици возвратиле со солзавец и водени топови, а за време на немирите биле нападнати и полициска станица и владини објекти.
Премиерот Еди Рама остро ги осуди протестите и тврдеше дека зад насилството стојат радикализирани групи под влијание на странски сили.
„Во моментот кога државата ќе почне да преговара за ова – државата паднала“, изјави Рама.
Од друга страна, демонстрантите ја обвинуваат полицијата за прекумерна употреба на сила.
Адвокатот за човекови права Гентиан Сејрани, кој застапува повеќе од 100 приведени лица, ја критикуваше полициската интервенција.
Студентската активистка Сидорела Ватникај истакна дека младите се незадоволни од корупцијата, економските услови и иселувањето од земјата.
Рама, кој е на власт веќе 13 години, се соочува со сериозен бран незадоволство, додека демонстрантите продолжуваат да бараат политички промени.
Засега нема најава за прекин на протестите, а состојбата во Тирана останува напната.







