Скопје следниот викенд ќе биде домаќин на еден од најмасовните и најзначајни спортски настани, каде љубителите на боречките вештини ќе имаат можност во живо да ги следат најдобрите таеквондо натпреварувачи.
На 4 и 5 април, во арената „Борис Трајковски“, ќе настапат елитни спортисти од земјата и регионот, а посебно внимание привлекува учеството на олимпискиот вицешампион од Токио, Дејан Георгиевски.
Покрај него, публиката ќе може да ги бодри и Милјана Релиќ, Филип Блажевски, како и младите надежи Ведрана Тунески, Андреј Василевски, Теодор Стојановски и Христијан Симоновски, кои се сметаат за идни носители на македонското таеквондо.
Организаторите најавуваат врвен спортски викенд исполнет со динамика, квалитетни борби и силна поддршка од трибините, со јасна порака – време е да застанеме зад нашите спортисти и да им дадеме ветар во грб.



















