Македонската фудбалска јавност е згрозена од непочитувањето на едноминутното молчење за жртвите во трагедијата во Кочани, кое се одржа на натпреварот Шкендија – Брера во Тетово. Додека фудбалерите, стручните штабови и судиите го испочитуваа молкот, тоа не беше случај со навивачката група „Балисти“, кои продолжија да навиваат и да свират за време на молчењето.
Оваа ситуација ја забележал делегатот Гоце Шопоски од Струга и ја внел во записникот. По прегледувањето на ТВ-снимката, организаторот на натпреварот се соочува со можност за жестока казна.
Според дисциплинските правилници, клубот Шкендија може да се соочи со казна која може да вклучува од 4 до 12 натпревари без присуство на гледачи или суспензија на теренот, а натпреварите можат да се играат надвор од Тетово. Покрај тоа, може да следи и парична казна од 5.000 евра. Се очекува реакција од клубот Шкендија, кој веројатно ќе се огради од постапките на навивачите и нивното непримерно однесување. Дисциплинската комисија се очекува да реагира во текот на оваа недела.
До крајот на сезоната остануваат уште осум кола, а Шкендија има четири домашни натпревари во ПМФЛ и еден натпревар во Купот.