Вчерашниот натпревар помеѓу Шкендија и Брера во Тетово беше засенет од скандалозно однесување на домашните навивачи, кои за време на минутата молк не покажаа почит кон трагично загинатиот фудбалер на Шкупи, Андреј Лазаров, и останатите жртви од несреќата.
Наместо тишина и почит, навивачите на Шкендија навиваа гласно, а во еден момент дури и запеаја песна посветена на УЧК. Овој потег предизвика бурни реакции во фудбалската јавност, а сега се очекува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) да преземе строги мерки против тетовскиот клуб.
Според дисциплинскиот правилник на ФФМ, Шкендија може да се соочи со драконска казна – до 12 натпревари без публика, суспензија на домашниот терен, како и парична казна од 5.000 евра. Останува да се види како ќе реагира ФФМ и дали ќе испрати јасна порака дека ваквите инциденти нема да бидат толерирани.
Фудбалот треба да биде спорт кој обединува, но вчерашниот натпревар во Тетово покажа дека навивачката култура во Македонија сè уште се соочува со сериозни предизвици.