Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, во просториите на „Куќа на фудбалот“ оствари средба со највисокото раководство на белградскиот фудбалски клуб Црвена Звезда. Делегацијата на српскиот шампион беше предводена од генералниот директор Звездан Терзиќ и претседателот на клубот, Светозар Мијаиловиќ.
На средбата, Омерагиќ изрази искрена благодарност за поддршката и хуманитарниот гест што Црвена Звезда го направи за настраданите во трагичната несреќа во Кочани. Тој посебно го истакна значењето на пријателскиот натпревар што неодамна се одигра во Скопје помеѓу Вардар и Црвена Звезда, кој имаше хуманитарен карактер.
„Црвена Звезда не е само спортски гигант, туку и модел на организација и професионализам кој треба да се следи. Доколку сакаме македонскиот фудбал да се доближи до европските стандарди, мора да учиме од најдобрите во регионот и да градиме партнерства,“ изјави Омерагиќ.
Претседателот на ФФМ нагласи дека пријателските односи и соработките со клубови од регионот, особено со оние со докажан успех и системска стабилност, се од клучно значење за развојот и унапредувањето на македонскиот фудбал.
Средбата помина во духот на меѓусебна почит и визија за заеднички проекти во иднина, кои би придонеле за развој на младинските школи, инфраструктурата и квалитетот на натпреварувањата на Балканот.