Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ објави на социјалните мрежи дека ќе го напушти Реал Мадрид на крајот од оваа сезона.
„Дојде времето. Момент што никогаш не сакав да го достигнам, но тоа е фудбалот, а во животот сè има почеток и крај… Во сабота ќе го одиграм мојот последен натпревар на Сантијаго Бернабеу“, напиша Модриќ.
„Пристигнав во 2012 година со надеж дека ќе го носам дресот на најдобриот тим во светот и амбиција да постигнам големи работи, но не можев ни да замислам што ќе се случи. Играњето за Реал Мадрид ми го промени животот како фудбалер и како личност. Горд сум што бев дел од една од најуспешните ери на најдобриот клуб во историјата“, додаде тој.
Модриќ пристигна во Реал во 2012 година од Тотенхем. Тој одигра 590 натпревари за „Кралскиот клуб“, што го прави деветти во историјата на Реал, со 43 гола, 95 асистенции и 28 трофеи, станувајќи најуспешниот играч во историјата на „Кралскиот клуб“.
„Си заминувам со полно срце. Полн со гордост, благодарност и незаборавни спомени. И иако по Светското клупско првенство повеќе нема да го носам овој дрес на теренот, секогаш ќе бидам навивач на Реал Мадрид. Ќе се видиме повторно. Реал Мадрид секогаш ќе биде мој дом. Доживотно. Хала Мадрид и ништо друго“, напиша Модриќ.