Министерството за спорт додели парични награди за двете најдобри екипи на 33.издание на Купот на ОФМ 2026, во женска и во машка конкуренција – Вардар ЕМ и Штип УГД. За освоените титули и промоција на спортот и спортските вредности ОК Штип УГД ќе добие 1.000.000 денара, а ЖОК Вардар ЕМ 500.000 денари.

Ова го соопшти министерот за спорт Борко Ристовски на денешниот прием на освојувачите на одбојкарскиот Куп во Министерството за спорт на кој присуствуваше и потпретседателот и член на Извршниот одбор на ОФМ, Кирил Калеников

-Упатувам искрени честитки за победниците во Купот на ОФМ 2026 за освоените титули и за прикажаната игра. Завршницата на Купот беше уште една убава промоција на одбојката и показател за напредокот што се случува, особено во женската одбојка. Министерството за спорт на освојувачите на Купот им додели парични награди од 1.000.000 денари за победникот во машка и 500.000 денари за победникот во женска конкуренција. Ова е наш мал придонес за сѐ она што го правите и награда за вложениот труд, да знаете дека тоа вие што го правите некој го гледа и го вреднува. Се надевам дека одбојката во Македонија во иднина ќе бележи уште поголеми успеси и уште поголема популарност– изјави Ристовски.

Министерот Ристовски нагласи дека ова ќе биде практика на Министерството за спорт и во иднина.
- Ќе настојуваме ова да биде практика и за иднина, да им честитаме и да им оддадеме признание на сите што ќе направат успех. Министерството за спорт секогаш ќе ги вреднува резултатите и ќе ја поддржува промоцијата на спортот и на спортските вредности – истакна Ристовски.
Претставникот на ОФМ, Кирил Калеников ја потенмцираше добрата соработка со Министретсвото за спорт и заедничката заложба да се подигне популарноста на одбојката во Македонија.
-Направивме еден одличен Куп, тоа беше навистина настан на ниво, салата беше полна во сите три дена на завршниот турнир, направивме еден европски пренос. Наша работа како федерација, во соработа и со поддршка од Министерството за спорт ќе биде континуирано да ја подигаме популарноста на одбојката.Со одредени активности, организација и реорганизација на некои идни натпревари, ќе се обидеме да допреме до што поголема публика. Тоа е целта бидејќи одбојката и спортот се игра за публиката – потенцираше Калеников.

На завршниот турнир од Купот на ОФМ 2026, одбојкарките на Вардар ЕМ приредија вистинска сензација во својот деби настап во завршницата на Купот и стигнаа до победничкиот пехар откако во полуфиналето ги победија Газели Волеј, а потоа во финалето беа поуспешни и од бранителот на титулата Наковски Волеј.

Во машка конкуренција, Штип УГД ја продолжи доминацијата и стигна до третиот Куп трофеј во низа со победата во финалето против Борец, откако претходно во полуфиналната пресметка ја елиминираа Струмица 47:72.










