Хамилтон нема да биде казнет за инцидентот со Албон во Џеда
Возачот на Ферари, Луис Хамилтон, нема да се соочи со казна поради инцидентот со возачот на Вилијамс, Александар Албон, за време на вториот слободен тренинг пред трката за Големата награда на Саудиска Арабија во Формула 1.
Судиите утврдија дека ситуацијата во кривината 17 не била доволно опасна за да бара предупредување или санкција. Според нивната проценка, Хамилтон го попречил Албон без потреба, но инцидентот не бил сериозен.
Во истрагата беа вклучени и претставници од двата тима, а покрај сведочењата беа разгледани и видеоснимки, податоци од телеметријата и комуникацијата преку тимското радио. Интересно е што Албон на сослушувањето изјавил дека ситуацијата не ја смета за опасна, иако претходно имал поинакво мислење.
На вториот слободен тренинг на уличната патека во Џеда, најдобро време постигна Ландо Норис од Мекларен, со резултат од 1:28.267 минути.
Третиот слободен тренинг е закажан за сабота во 15:30 часот, додека квалификациите ќе се одржат три и пол часа подоцна.
Трката за Големата награда на Саудиска Арабија, која е петта во овогодишниот календар на Формула 1, ќе се вози во недела со почеток во 19:00 часот.