Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, продолжува со својата заложба за подобрување на животниот стандард на повозрасните сограѓани. Со најновата мерка, за првпат се воведува еднократна финансиска помош од 2.500 денари за пензионерите во социјален ризик, со што општината покажува конкретна грижа за своите највозрасни жители.
Оваа поддршка ја добиваат сите пензионери со месечни примања до 22.640 денари, кои примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија, а се жители на Кисела Вода. Општината за оваа мерка одвои 7.000.000 денари, а средствата ќе се доделуваат до нивно целосно искористување.
Ова не е прва иницијатива за пензионерите под водство на Ѓорѓиевски – во изминатиот период, општината воведе бесплатен транспорт до здравствени и административни институции, проектот „Итно копче“ за брза реакција во итни ситуации, како и програми за нега и грижа на повозрасните лица.
„Нашите пензионери заслужуваат сигурност и достоинствен живот. Оваа мерка е само дел од нашата долгорочна стратегија за подобрување на нивните услови. Ќе продолжиме со политиките кои носат реални решенија за нашите сограѓани,“ истакна Ѓорѓиевски.
Јавниот повик за аплицирање ќе биде објавен утре во „Слободен печат“ и на официјалната веб-страница на општината. Пријавувањето започнува веднаш и ќе трае до исцрпување на средствата.
Со оваа мерка, Кисела Вода повторно покажува дека е општина која се грижи за своите граѓани, а Орце Ѓорѓиевски уште еднаш докажува дека „најдоброто допрва доаѓа“!