По иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес, на 8 Март, во неколку поголеми паркови низ цела општина Кисела Вода се спроведува акција во која на жените им се подаруваат цвеќиња и мотивирачки пораки како симбол на почитта, на заложбите за родовата еднаквост и вреднувањето на нивната улогата во сите сфери на животот.
На настанот покрај градоначалникот Ѓорѓиевски, присуствуваат министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерот за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, министерот за спорт Борко Ристовски, претседателката на Советот на Општината, Светлана Колариќ, како и повеќе советници и претставници од општината, што е уште еден показател за заедничките заложби во унапредувањето на правата и можностите на жените.



Во духот на празникот, низ општината и на автобуските постојки се поставени симболични пораки и цветни подароци, кои носат порака на признание и почит кон жените. Поставени на јавни места, овие знаци на внимание потсетуваат дека секоја жена заслужува поддршка и вреднување, не само денес, туку секој ден. Тие се мала, но значајна потврда дека грижата за жените и нивната улога во општеството е важна, а нивниот придонес – незаменлив.
-Денес е уште еден ден кога ја славиме силата и посветеноста на жените. Тие се носители на промени, двигатели на напредокот и темел на секое семејство. Како општина, активно работиме на политики кои обезбедуваат еднакви можности и подобри услови за жените. Денешното присуство на министрите само потврдува дека родовата еднаквост е заеднички приоритет и на локално и на национално ниво. Со оваа акција сакаме да упатиме порака дека жените заслужуваат поддршка, признание и почит секој ден. Среќен 8 Март на сите дами- изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.


