Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, продолжува со реализирање на мерки што директно им помагаат на младите. Овој пат, општината воведува финансиска поддршка од 10.000 денари за матурантите кои сакаат да полагаат за возачка дозвола од „Б“ категорија.
Субвенциите се наменети за сите ученици од генерацијата 2025 година кои ќе се запишат или веќе се запишале во лиценцирана автошкола за теоретска и практична обука почнувајќи од 1 јануари 2025 година. Буџетот за оваа мерка изнесува 4 милиони денари, а јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на средствата.

„Обезбедувањето возачка дозвола е значаен чекор кон поголема самостојност, мобилност и конкурентност на младите на пазарот на трудот. Преку оваа мерка, не само што ја олеснуваме финансиската тежина врз семејствата, туку и поттикнуваме безбедно и законско учество во сообраќајот“, истакна Ѓорѓиевски.
За да ја искористат оваа можност, матурантите треба да бидат жители на Кисела Вода и да приложат потврда дека се во последна година од своето средно образование.
Оваа иницијатива е уште еден доказ за посветеноста на локалната самоуправа кон младите. Со оваа финансиска поддршка, Општина Кисела Вода не само што помага во стекнување нови вештини, туку и придонесува за поголема безбедност на улиците.
Линк до јавниот повик: ТУКА.