Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, во рамки на својата официјална посета на Азербејџан, оствари средба со претседателката на Националното Собрание, Сахиба Гафарова.

Сиљановска – Давкова ја истакна важноста на парламентарната соработка како клучен аспект во развојот на билатералните односи меѓу Македонија и Азербејџан.

“Како поранешна пратеничка, ја нагласив потребата од натамошно зајакнување на меѓупарламентарната соработка, која се одвива преку Пратеничката група на Собранието за соработка со Националното Собрание на Азербејџан,” изјави таа.

На средбата беа разменети мислења за работата на двата парламента, како и за застапеноста на жените пратенички. Посетата се реализира по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави.

Претседателката Сиљановска – Давкова изрази благодарност до Гафарова за топлото добредојде и срдечната средба, нагласувајќи дека оваа официјална посета ќе придонесе за понатамошно унапредување на соработката меѓу Македонија и Азербејџан.