ПРВ.мк

Ѓорѓиевски: Првата археолошка Брајова азбука е чекор кон инклузивно општество

Ѓорѓиевски: Првата археолошка Брајова азбука е чекор кон инклузивно општество
Jumbo Banner

Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода денес беше промовирана првата „Археолошка азбука“ и нејзиното издание на Брајово писмо – уникатна литература наменета за деца и млади, а особено за оние со оштетен вид. Станува збор за прва ваква публикација не само во Македонија, туку и во поширокиот регион, поддржана од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ова издание претставува симбол на вредностите кон кои општината постојано се стреми – еднаквост, пристапност и грижа за сите граѓани. Тој нагласи дека поддршката за лицата со попреченост не е само општествена обврска, туку и морална должност.

„Грижата за лицата со оштетен вид ја исполнуваме со големо внимание и посветеност. Поддршката за ‘Археолошката азбука’ и нејзиното Брајово издание е дел од нашата визија за инклузивно и правично општество“, рече Ѓорѓиевски.

Покрај градоначалникот, на настанот присуствуваа и професорите Антонио Јаќимовски, Елизабета Томевска-Илиевска, Маја Јаневска и пратеничката Катерина Димитровска. Тие заеднички го претставија проектот кој има за цел да го доближи археолошкото и културното наследство до сите деца, без исклучок.

Ѓорѓиевски потсети дека секоја година, по повод Денот на Брајовото писмо, општината донира книги со Брајово писмо за библиотеката на Државното училиште „Димитар Влахов“. Тој најави дека ваквите иницијативи ќе продолжат и во иднина.

„Ова не е само промоција на книга – ова е порака, визија и инвестиција во иднината на нашето општество. Ќе продолжиме да поддржуваме проекти кои создаваат можности за секое дете да учи, сонува и се гордее со своето културно наследство“, рече тој.

Изданието на „Археолошката Брајова азбука“ е внимателно адаптирано според потребите на децата со оштетен вид и претставува значаен чекор кон поинклузивен пристап во образованието и културата.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран