Полицијата вчера и денеска лиши од слобода две одговорни лица во угостителски објекти во скопски Центар, бидејќи пуштале музика за време на седумдневната жалост.
„Во Скопје, на 21/22.03.2025 година, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Ф.А.(26) од скопско и В.В.(22) од Скопје, поради основано сомнение дека сториле кривично дело по член 387 од Кривичниот законик. Тие, како одговорни лица во угостителски објекти во Центар, пуштале музика за време на седумдневната жалост прогласена од Владата“, соопшти МВР.
По документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави во врска со член 387 од Кривичниот законик.
Членот 387 од Кривичниот законик се однесува на делото Организирање отпор и гласи:
„Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.
Владата прогласи седум дена на жалост минатата недела по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 59 лица, а 200 се повредени.