Пејачот од „ДНК“ Андреј Ѓорѓиески загина во страшниот пожар што се случи претходниот викенд во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Неговиот погреб беше вчера, кога семејството, пријателите и голем број фанови го испратија во неговото вечно почивалиште.
Беше оженет со Наталија, а пред нешто повеќе од месец дена го прослави својот 43 роденден. Зад себе остави малолетна ќеркичка Јана.
Тој заедно со Владимир Блажев Панчо во 2001 година ја основаат групата ДНК, а првиот албум го објавуваат во 2005 година.
Но покрај успешната музичка кариера, Андреј заедно со Панчо беше познат и како голем хуманитарец, човек кој секогаш се грижеше за оние на кои им е потребна помош.
Но за жал, токму така и загина, сакајќи да им помогне на другите – излегол од пожарот, па се вратил за да спасува други.
Инаку, на профилот на ДНК се уште стои последната објава на која Андреј и Панчо заедно, а која ја покажува нивната хуманост.
Имено, тие само неколку дена пред кобната вечер беа во посета на едно момче од Ѓорѓе Петров за да му помогнат како нему, така и на неговата болна мајка, покривајќи ги нивните трошоци колку што можат.
И како што сами објавија на нивниот Инстаграм, тие побараа од хуманите луѓе да му помогнат на ова сиромашно семејство на кое му е исклучена дури и сметката за струја, па додека разговарале седела осветлени на свеќи, што го напишаа во нивната објава.
Инаку, додека разговаравме, седевме осветлени од неколку свеќи, па ги запрашавме што уште би можеле да им помогнат останатите хумани луѓе кои се во можност да донираат и излезат во пресрет. Ни кажаа дека најнеопходно им е да добијат ФРИЖИДЕР, БОЈЛЕР и било каков телевизор. Сите оние кои се во можност, од срце би ве замолиме да помогнете, кој колку може, и доколку сакате да го споделите постот, се со цел да стигне до што поголема број на луѓе, пишува во овој нивен, последен заеднички пост на социјалните мрежи.
Потсетуваме, во страшниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа најмалку 59 лица, а преку 200 се повредени.
Извор: Гламур