Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска соопшти дека ја одзела акредитацијата на организацијата ЗОР „СФЕРА интернешнал“ – Битола долгогодишен корисник на ЕУ-фондови и оти започнала постапка кон Европската служба за борба против измами (ОЛАФ) и Основното јавно обвинителство (ОЈО), со цел целосно расветлување на сомнежи за сторени злоупотреби на европски средства од оваа организација.
„Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) ја информира јавноста дека, поради непостапување во досегашниот период, Европската Комисија известува дека е можна суспензија на активностите во рамки на програмите финансирани од Европската Унија. Во насока на итно санирање на состојбата и заштита на македонскиот интерес, македонските студенти, ученици и научници, НАЕОПМ веќе реализираше конкретни мерки. Одземена е акредитацијата на организацијата ЗОР „СФЕРА интернешнал“ – Битола, долгогодишен корисник на ЕУ-фондови со значителна финансиска поддршка во изминатиот период од 132.052,00 евра. Започната е постапка кон Европската служба за борба против измами (ОЛАФ) и Основното јавно обвинителство (ОЈО), со цел целосно расветлување на сомнежите за сторени злоупотреби на европски средства од истата организација“, наведува НАЕОПМ во соопштение.
Во моментов, стои во соопштението, се постапува преку институционална координација со надлежните органи на национално и европско ниво.
„Агенцијата останува цврсто посветена на транспарентност, отчетност и доследно спроведување на европските програми согласно највисоките стандарди. Ги уверуваме сите заинтересирани страни дека ќе бидат навремено информирани за понатамошниот развој на постапките“, соопшти Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.