Во 08:00 часот утринава, започна електронското аплицирање на јавниот повик на Општина Битола за субвенционирање на инвертер клима уреди за домаќинствата на територија на Општина Битола.
Електронското аплицирање започна успешно, а првата апликација беше поднесена во 8 часот и 2 секунди.
До 8 часот и 45 минути, добиени се вкупно 612 апликации, за 570 корисници. Електронскиот систем за поднесување на барања за субвенции, на барање на Општина Битола, го изработи „Јавен адвертајзинг“ Битола, кој ја овозможи и техничката поддршка на општината во процесот на аплицирање. Од таму не информираат дека имало околу 42 повторни обиди на граѓаните за аплицирање, а во одреден период во една секунда аплицирале од 5-8 лица.
Секој граѓанин кој аплицирал на својата мејл адреса има добиено известување со време на поднесено барање и број на предмет, како и известување доколку го поништил претходното барање и поднесол ново барање.
Сo ваквиот систем, Општина Битола, по втор пат, успешно го воведува електронскиот систем за поднесување барања за субвенции, како нова дигитална алатка за граѓаните на општина Битола, со што веќе нема да се создаваат колони од граѓани пред општинската зграда и граѓаните нема да мора да чекаат ред од раните утрински часови, за да аплицираат на јавните повици на општината. Ова е еден од проектите на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, со кој се реализира заложбата за дигитализација на услугите.
Аплицирањето започна денес, 30.04.2025 во 08:00 часот и ќе трае до до 06.05.2025 година 15:30 часот. Средствата што ќе ги надоместува Oпштина Битола се во вредност од 50% од вкупната цена на чинење на уредот, но не повеќе од 25.000,00 денари.