Со неколку настани, денес во Битола беше одбележана 82 годишнината од депортацијата на битолските Евреи, во организација на Еврејската заедница на Република Македонија, со поддршка на општина Битола.

По посетата не Еврејските гробишта и комеморативната програма во просториите на Советот на општина Битола, бројни делегации положија цвеќе пред Споменикот на жртвите на холокаустот од Битола и пред Споменикот на Естреја Овадија-Мара, во дворот на здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“. Во оваа пригода, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски истакна дека одговорноста на сите нас, како поединци и како општество во целина е да не дозволиме страдалните приказни од минатото да се повторат, да се бориме против неправдите, омразата и дискриминацијата.
„Денес Битола оддава почит, 82-ра година по ред, од холокалустот, однoсно од депортацијата на над 3300 наши сограѓани: еснафи, млекари, занаетчии, сите оние кои ги споделувале битолските улици со жителите на градот. На тие мрачни моменти се потсетуваме денес и ова е незаборав за се она што било заедничко живеење во овој град, град на мултикултурата.
Оддаваме почит заедно со Еврејската заедница, заедно со Владата на Република Македонија, Советот, организации и претставници на еврејските здруженија од Израел кои се денес со нас. Ќе ја прошетаме поворката на живите да оддадеме почит уште еднаш, со старт од бистата на Естреја Оавдија Мара пред Здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“ до железничката станица, од каде што биле депортирани.

Уште една опомена до сите нас дека соживотот нема цена, дека пријателството, заедништвото, мирот и соработката се атрибутите кои треба да ги почитуваме секојдневно“, посочи Коњановски.
Одбележувањето заврши на железничката станица во Битола, од каде што пред 82 години, 3351 припадник на битолските Евреи, беа депортирани во логорите на смртта.