Во организација на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата – Битола и Народна техника, денес се одржа 52 Регионален натпревар „Детски семафор 2025“, натпревар со едукативно-воспитна цел, насочен кон зголемување на сообраќајната култура кај младите генерации.

Во услови на брз технолошки развој и зголемена динамика на сообраќајот, прашањето за безбедноста станува едно од најважните. Преку ваквите натпревари, учениците се подучуваат на правилно, одговорно и безбедно учество во сообраќајот. Овој тип на активности се организираат од 1969 година, со цел да ја поттикнат свеста за сообраќајна култура уште од најмала возраст.

На натпреварот оваа година учествуваа 84 ученици од 14 основни училишта од Битола, Могила и Демир Хисар. Поддршка и соработка пристигна и од Министерството за внатрешни работи, Техничкиот факултет, АМСМ, Авто мото друштвото „Ѓорѓи Наумов“ и други партнери.

Со вакви иницијативи, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот во Битола активно придонесува во подигнување на јавната свест за важноста на безбедното однесување во сообраќајот, особено кај најмладите учесници.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, ги поздрави учесниците на натпреварот, нагласувајќи:
„Ваквите активности треба да се разберат како настани со забавен карактер, но со исклучително важно едукативно влијание. Тие имаат задача да ја поттикнат внимателноста и одговорноста кај најмладите, кои веќе сега се активни учесници во сообраќајот – како пешаци, а утре и како возачи. Затоа, вложувањето во нивната сообраќајна култура е вложување во побезбедна иднина за сите“, нагласи Коњановски.