Губењето на природните заби со децении се смета за неповратен процес, а единствените решенија досега беа протези, мостови и импланти. Но, јапонски научници работат на третман што би можел целосно да ја промени стоматологијата – лек кој ќе му овозможи на организмот сам да создаде нов заб.
Истражувачки тим од Јапонија веќе спроведува клинички испитувања на новата терапија, која има цел да ги активира природните механизми за развој на забите. Доколку испитувањата бидат успешни, третманот би можел да стане достапен во текот на следната деценија.
Научниците објаснуваат дека кај човекот постојат зачатоци на потенцијален „трет сет“ заби, кои вообичаено никогаш не се развиваат. Новиот лек не создава вештачки заби, туку привремено го блокира дејството на протеинот USAG-1, кој го ограничува нивниот развој, со што се поттикнува природното растење на нов заб.
Првите експерименти биле спроведени врз лабораториски глувци, кај кои по примената на терапијата почнале да растат дополнителни заби. Охрабрувачки резултати биле добиени и кај творови, чии заби се послични на човечките, по што истражувањето преминало во фаза на тестирање кај луѓе.
Во почетокот, лекот е наменет за лица со вродена агенезија на заби – состојба при која не се развиваат дел или сите трајни заби. Сепак, научниците веруваат дека во иднина истиот би можел да им помогне и на луѓе кои изгубиле заби поради кариес, повреди, заболувања на непцата или стареење.
Водечкиот истражувач, д-р Кацу Такахаши, вели дека природното обновување на забите долго време било сон на стоматолозите. Иако резултатите досега се ветувачки, потребни се дополнителни клинички испитувања за да се потврди безбедноста и ефикасноста на третманот пред тој да стане достапен за пошироката јавност.










