Светот повторно е на штрек поради појавата на нова варијанта на коронавирусот, наречена „stratus“ (XFG), која стана доминантна во Велика Британија и покажува загрижувачки раст. Според британските здравствени власти, бројот на случаи се зголемил четири пати за само еден месец, а СЗО веќе ја вклучи на списокот за надзор, предупредувајќи на потенцијален нов бран на инфекции.
Оваа мутирана верзија, позната и како „Франкенштајн сој“, е хибридна – создадена од две различни варијанти на Ковид кои се споиле во организмот на една личност. Научниците велат дека новите мутации во spike-протеинот му овозможуваат полесно да го избегне имунитетот, дури и кај вакцинирани лица.
Професорот Лоренс Јанг од Универзитетот во Ворвик вели дека токму мутациите на подсојот XFG.3 го прават позаразен: „Сè повеќе луѓе се подложни на инфекција со овие соеви, што значи дека можеме да очекуваме нов бран.“ Иако засега нема докази дека предизвикува потешки симптоми, ризикот за ранливите групи останува реален.
Покрај „stratus“, се шири и уште една нова варијанта – „nimbus“, за која лекарите велат дека предизвикува болно грло „како жилет“ и отечени лимфни јазли. Овој сој веќе сочинува 17% од случаите во Велика Британија, според последните податоци.
И покрај тоа што вкупниот број на инфекции опаѓа, експертите предупредуваат на претпазливост – новите соеви сè уште можат да предизвикаат сериозни последици кај постари и имунокомпромитирани лица. СЗО повикува на внимателно следење на ширењето на новите соеви и апелира за подготвеност.